Братот на починатиот чиј роднини ја кршеа градската болница им се извинил на лекарите
Нема да се прави обдукција врз телото на 45-годишниот маж чиј роднини и пријатели синоќа предизвикале инцидент во ГОБ “8 септември”. Вечерта околу 23 часот во болницата дошол братот на починатиот , ги потпишал потребните документи и се извинил на медицинскиот персонал за нередот кој го направиле членови од неговото семејство. Тие вчера со количка своеволно го изнеле телото, го ставиле во приватен автомобил и се одалечиле од болницата. Според неофицијални информации пред да биде донесен во болницата сега починатиот најверојатно доживеал срцев удар. Прво бил однесен во приватна болница во Чаир, каде не можеле многу да сторат, па викнале Брза Помош. И тие се обидувале да му помогнат додека го транспортирале во “8 септември”. Дежурните во болницата 40 минути правеле реанимација, но немало срцева реакција. Откако блиските слушнале дека лекарите не успеале да го вратат во живот најпрвин почнале да кршат во салата за реанимација, а внукот со тупаница удирал во стаклената врата на Ургентниот Центар. Пред здравствената установа имало околу 40-тина блиски на починатиот. Инцидентот веднаш бил пријавен во полиција.
- Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот, известен е Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, изјави Дејана Недељковиќ, портпарол на МВР.
Во инцидентот не е повреден никој од дежурниот медицински персонал. Директорот на болницата вели дека често се цел на вербални напади, но досега немало ваквов неред.
По синоќешниот инцидент, денеска ургентниот во во ГОБ “8 септември” нормално работи.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
