Македонија
14. December 2016 - 16:34

МНР на Русија: Да се почитува волјата на гласачите во Македонија - Бејли: Не се мешам во работата на ДИК

Министерството за надворешни работи на Руската Федерација повика да се почитува волјата на гласачите во Македонија. МНР на Русија преку соопштение оценува дека и покрај напнатата политичка ситуација предвремените парламентарни избори во Република се одржаа во мирна атмосфера, а  Меѓународните набљудувачи, меѓу кои имаше и руски претставници, не регистрирале битни повреди на универзално прифатените стандарди.

- Ги повикуваме сите политички сили во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат во рамките на Уставот,  и да ги избегнуваат контрапродуктивните надворешни влијанија при формирањето на новата влада. Веруваме дека македонските политичари се свесни за степенот на одговорноста за зачувување на стабилноста во Македонија и меѓуетничката хармонија, кои се неопходен фактор за мир во целиот балканси регион, се потенцира во соопштението од Руското МНР.

Од друга страна  Американската амбасада во Македонија изрази загриженост од, како што велат, неточните извештаи во кои се тврди дека американскиот амбасадор Џес Бејли се меша во работата на Државната изборна комисија.

- Ова не е време за лажни вести или заговори. Дозволете ни да изјавиме јасно дека  американскиот амбасадор не се сретнал, не ја посетил или интервенирал кај некого од Државната изборна комисија. САД ги поддржуваат правата на граѓаните на Македонија  во демократски процес кој е отворен, транспарентен и одговорен. Тоа вклучува и проверка на приговорите и жалбите, согласно македонските закони‘‘, се вели во реакцијата на американската амбасада.