Двете деца кои починале од грип биле донесени во многу тешка состојба, со воспаление на мозокот и грчеви
Две деца починаа од компликации од грип на Клиниката за детски болести. Вирусот кај децата на 3 и 4 годишна возраст од Кичево и Гостивар предизвикал воспаление на мозоко. Дечињата машко и девојче од претходно имале здравствени проблеми, тврдат лекарите. На Детска биле примени пред Нова година во тешка состојба. Едното дете го донеле од болницата св. Еразмо од Охрид каде било на лекување, а другото со возило на Брза помош било донесено од гостиварската болница.
-Грипот најчесто поминува без компликации или прави комликации на респираторниот тракт, но во овие случаи имаше зафаќање на централниот нервен систем. Годинава имавме повеќе деца со енцефалит, од кои две починаа. Беа примени во многу тешка состојба, префрлени на интензивна нега, дадена им беше потребната терапија, изјави проф. Филип Дума, од Клиниката за детски болести.
Децата на детска клиника починале пред неколку дена, а информацијата денеска ја објави Институтот за јавно здравје. Се чекало и официјално лабораториски да се потврди дека грипот е причина за смртта.
-Државата чекаше и официјално лабораториски да се потврди дека станува збор за грип, изјави проф. Филип Дума, од Клиниката за детски болести.
Инаку според последниот извештај на ИЈЗ откако зафати студот грипот се намалува. За една недела регистрирани се околу 8000 новозаболени, што е за 1.500 случаи помалку од претходната недела.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
