Македонија
16. February 2017 - 16:22

Здруженијата на пациенти со рак се надеваат дека набавката на цитосатици ќе биде долгорочно решение

Здруженијата на пациенти со рак задоволни од најавата за набавка на нови лекови на онкологија. По повеќе од 10 години барање државата да набави современа терапија, деновиве бил направен голем чекор за третманот на најтешко болните. Очекуваат дека ова ќе биде долгорочно решение.

- Ова покажа дека институциите имаат слух и Фондот ги отвори вратите и ја разбра важноста. Се овозможува нова терапија што е многу битна и докажано може да го продолжи и спаси животот на пациентите, рече Биба Додева, претесдател на здружението Борка.

-Ова ќе значи подолг живот на болните од рак, изјави Виолета Томовска, претседател на Животна Искра.

Од Фондот уверуваат дека нова терапија ќе има за сите пациенти за кои лекарите ќе утврдат дека ќе има ефект. Проценката е дека ќе бидат опфатени околу 200 болни.

- Во медицината постојат критериумите базирани на научни докази и биохемиски анализи кои квалификуваат некого како кандидат за примање одредена терапија, изјави Сашо Стефаноски, директор на ФЗОМ.

Новите цитостатици кои ќе почнат да се применуваат од април се наменети за третман на рак на дојка, дебело црево, црн дроб и бели дробови, а веќе неколку пациенти со малигни заболувања на кожата и бибрезите добиваат современа терапија. Од неодамна нови лекови има и за хепатит Ц кои целосно ја лекуваат заразната болест.