Македонија
5. April 2017 - 22:44

Продолжуваат протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“

Од Влада, по мостот, Гоце Делчев, покрај Музејот на македонската борба за државност, преку Камениот мост до Триумфалната порта. Нова маршута на 38-от ден од протестите За Заедничка Македонија.

Организаторите на граѓанската иницијатива се поклонија пред декларацијата за независност на Република Македонија која е поставена во музејот.

- Документот кој е еден од темелите на нашиот идентитет, документ кој го спојува минатото и сегашноста и документ кој е основа за нашата иднина, документ кој не признава никакви поделби, ниту по верска, ниту по национална основа, документ кој ги обединува сите граѓани на Република Македонија. 38 ден сме на улица, се бориме да го зачуваме тој документ, посочи Богдан Илиевски, од инизијативата За Заедничка Македонија.

Под Порта Македонија се обратија поетот Борче Грозданов и водителот Антонио Димитриевски.

- Ако сакаат да ти го одземат идентитетот, да ти го променат. Ако сакаат да ти го избришат она што со векови си се нарекувал, ако сакаат да те прекрстат, ако сакаат да ти го сменат знамето под кое мирно и гордо стоиш, ако сакаат да ти ја променат химната под која ги бележиш најголемите успеси и резултати на која мирно стоиш и гордо ја пееш, ако сакаат да ти го променат грбот кој го носиш на срцето, еден ден ќе сакаат да ти ја преполоват и земјата, да ти го одземат и името и на крајот да ти ја одземат и душата. А го заслужи ли Македонецот сето тоа? изјави нтонио Димитриевски, водител.

Граѓаните кои дојдоа на денешниот протест велат дека маршираат против тиранската платформа и не сакаат двојазичност, туку Македонија да си остане ваква каква што е.

Денешниот мирен протест заврши со спуштање на големо македонско знаме од порта Македонија. И за утре од граѓанската иницијатива најавија нов марш во 17 часот пред Владата.