Здравствените власти апелираат да се внимава при изложување на сонце и при големите температурни промени
Наглото затоплување носи опасност од сериозни заболувања. Министерството за здравство излезе со препораки да се внимава при излегувањето надвор и да се избегнува директна изложеност на сонце.
-Се препорачува граѓаните да бидат внимателни, имајќи предвид дека изложеноста на повисоки температури, без претходна постепена адаптација, создава чувство на поинтензивна топлина слична на онаа во летните месеци и може да предизвика здравствени проблеми кај некои лица. Воедно, се препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, соопшти Министерството за здравство.
Топло време невообичаено за овој период од годината ќе има само викендот, а за од почетокот на неделата УХМР најави врнежи од дожд и пад на температурите.
Според епидемиолозите топлото и влажно време овој период од годината носи ризици и за заразни заболувања.
-Заразни заболувања кои се пренесуваат преку вектори, под вектори подразбираме крлежи, комарци и други инсектти кои се хранат со крв. Животните обично се резервоари на овие заболувања, а човекот е случаен или краен домаќин на овие заболувања, изјави д-р Александар Миќиќ, епидемиолог во ИЈЗ.
Токму комарците и крлежите можат да пренесат сериозни болести.
-Како што се западно нилската треска, која лани беше регистрирана и во Македонија и маларија кое е сериозно заболување, за среќа не е редистрирана подолго време кај нас, додаде д-р Миќиќ.
Епидемиолозите потенцираат дека превенцијата е најдобра заштита. Освен личните мерки неопходна е и дезинсекција што е законска обврска на сите Општини.
Годинава прскањето против комарци е пролонгирано, за разлика од лани кога првото уништување на ларвите се реализираше на почетокот на април. Од Град Скопје уверуваат дека дезинсекцијата не е поради одложувањето на локалните избори, туку причина биле ниските утрински температури. Најавија авионско прскање за наредната недела.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
