Нов модел за проширување на ЕУ
Европската комисија подготвува нов план со кој земјите кандидати постепено ќе добиваат дел од економските придобивки уште пред станат членки на ЕУ. Ова го објави „Политико“, повикувајќи се на анонимни дипломатски извори запознаени со разговорите.
Предлогот е дел од концептот на т.н. „постепена интеграција“, според кој кандидатите ќе бидат наградувани додека ги спроведуваат реформите потребни за членство.
Според информациите на „Политико“, во Брисел се разгледуваат повеќе можности, меѓу кои пристап до дел од европските фондови, повластени трговски аранжмани и ограничен пристап до единствениот европски пазар. Обемот на придобивките би зависел од напредокот на секоја земја во усогласувањето со европските правила и спроведувањето на реформите.
Новиот модел не предвидува институционално учество во Европската Унија. Наместо тоа, кандидатите би добивале дел од економските придобивки што ги уживаат земјите членки, но без формално да влезат во Унијата.
„Политико“ наведува дека предлогот има поголема политичка поддршка од претходните иницијативи. Франција и Германија и претходно се залагаа за ваков пристап, оценувајќи дека тој може да го забрза процесот на проширување без да се намалат критериумите за членство.
Европската комисија планира во текот на есента да побара поддршка од земјите членки, а лидерите на Европската Унија би можеле да ја разгледуваат иницијативата на состаноците на Европскиот совет во октомври или декември.
Според планот, секоја земја ќе добива различен степен на придобивки, зависно од тоа колку напредувала во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските правила.
Премиерот Мицкоски во гостување на Македонската Радио Телевизија оцени дека суштински промени во пристапниот процес тешко би се случиле, бидејќи станува збор за договори што се менуваат само со консензус.
„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции, но затоа двете, според мене највлијателни земји-членки Франција и Германија дадоа еден предлог во којшто истовремено ќе го забрзаат интегрирањето и ќе му понудат можности на регионот како нивен приоритет. Јас тоа го разговарав и со канцеларот Мерц и со претседателот Макрон, јасно дефинирајќи што мислиме дека можеби да се додаде или одземе од тој нивен предлог, гледано од нашата оптика. Затоа што ако нивниот предлог е врзан со затворање кластери, ако имате Косово кое што не е ни кандидат, Босна и Херцеговина, Македонија која што почнала, а не почнала, ја имате Србија која што нема усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија и има некаква премолчена блокада и не може да отвара и да затвора кластери, тогаш не ја гледам целисходноста. Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како Реформската агенда или Планот за раст, па на тој начин, практично да се дадат поттици и поддршка на земјите од Западен Балкан“, рече тој.
Иницијативата доаѓа во време кога во Европската Унија расте убедувањето дека процесот на проширување треба да се забрза, особено поради војната во Украина. Истовремено, голем дел од земјите членки остануваат претпазливи и не сакаат нови држави да бидат примени пред целосно да ги исполнат условите.
Според „Политико“, новиот модел треба да ги мотивира земјите кандидати, особено Украина, чие полноправно членство најверојатно ќе потрае уште со години и покрај силната политичка поддршка.
Во моментов Европската Унија има девет официјални земји кандидати. За најнапредна во процесот на пристапување се смета Црна Гора.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
