Македонија
1. March 2022 - 16:34

Нова голема количина вакцини оди во Дрисла

Дури 170.000 вакцини од Фајзер денеска повлечени од пунктовите за имунизација. Нивниот рок на употреба беше заклучно со вчерашниот ден. Пред да завршат во Дрисла ќе бидат складирани во фрижидери на Трансфузилогија додека заврши пописот од МАЛМЕД и одобрението за нивно уништување. 

Освен овие неискористени дози за заштита на населението, дозвола за спалување во печката за медицински отпад има за 66.000 вакцини кои веќе не се употребливи.

И додека стотици илјади дози завршуваат на депонија интерес за вакцинација речиси и да нема. Минатата недела едвај 2800 граѓани ги посетиле пунктовите од кои само 332 примиле прва а 1662 трета доза. 

И покрај слабиот одзив од Министерството за здравство ни одговорија дека нивниот фокус останува промоција на бенефитите од имунизацијата како најдобра превентивна мерка.  

Министерот Беким Сали веќе најави дека матичните лекари ќе праќаат покани за вакцинација на ризичните групи и тоа треба да стартува деновиве. 

Во меѓувреме, неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува намалување и на новодијагностицирани, на хоспитализирани и на смртни случаи. Од дополнителните анализи направени во нивните лаборатории на 47 позитивни примероци на ковид 19, доминира подваријантата на Омикрон стелт која е потврдена кај 25 лица.