Македонија
20. October 2026 - 16:27

Нова понуда за професионалните војници – До пензија да останат во АРМ

Професионалните војници по 45 години ќе можат да останат во Армијата со договор на неопределено време. До пензионирање добиваат можност да ги обезбедуваат гарнизоните, касарните и имотот на Армијата, а ќе ги задржат истите права, примања и додатоци. На војниците и натаму на располагање им остануваат останатите законски опции  - да ја напуштат армијата со отпремнина или да направат трансфер во друга институција. 

- Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45-та година. Остануваат сите опции – отпремнина и трансфер во институциите, но со оваа реформа отвораме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски.

Реформата, според началникот на Генералштабот, ги решава децениските проблеми на професионалните војници. Според проценките, од следната година околу 100тина професионални војници би можеле да ја искористат оваа можност и да продолжат да работат во Армијата како цивилни лица.

- Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска – истакна генерал-мајор Сашко Лафчиски

Оваа реформа, вели Мисајловски, е донесена во договор со претседателката и најголем дел од синдикатите. Паралелно се работи и на новиот колективен договор, веќе се обезбедени повеќе пари за зголемување на плататите, а интензивно се работи и на модернизација на касарните, набавка на нова воена опрема и нови униформи.