Ракомет
28. December 2015 - 19:37

Обрван: За Полска ќе патуваат 16 ракометари

Ракометната репрезентација на Македонија денеска со утринскиот тренинг ги продолжи подготовките за Европското првенство во Полска. Од денеска со репрезентацијата е и селекторот Ивица Обрван, како и капитенот Кирил Лазаров и голманот Борко Ристовски.

За попладне се очекува приклучување и на Филип Миркуловски, а утре е најавено доаѓање на Ацо Јоновски. Поради приватни обврски претпладневниот тренинг го „прескокна“ Наумче Мојсовски.

- Сега во комплетен состав ќе продолжиме да работиме, како што се работеше и изминативе четири дена. Ритамот ќе биде ист на физички и тактички план со тоа што на попладневните тренинзи ќе се работи и на воигрување напад и одбрана. Можам да кажам дека жалам за гестот на Даниел Дупјачанец и Мартин Велковски, но јас ја подржувам одлуката на мојот помошник Данило Брестовац да бидат „одалечени“ од репрезентацијата. Барем засега нема да има друго „кратење“ на спискот, а најверојатно со оваа бројка ќе работиме до Нова година, кога играчите ќе имаат слободни денови. На шампионатот во Полска ќе патуваат 16 ракометари, а потенцијалните резерви ќе останат во Скопје и ако има потреба ќе бидат повикани, изјави селекторот Обрван.

За ривалите во групата хрватскиот стручњак вели дека се многу силни.

- Сите знаете дека сме во тешка група (Франција, Полска и Србија), но на секој натпревар ќе даваме максимум за да оствариме позитивен резултат и да се пласираме во вториот круг.

Репрезентацијата ќе тренира до 30 декември, а потоа ќе следуваат два дена пауза. Новиот собир ќе биде на 2 јануари. Следниот ден се патува за Словенија, каде на 4 и на 5 јануари се играат два натпревара. Враќањето е планирано на 6 јануари. По два слободни дена новиот собир ќе биде на 8 јануари, а два контролни натпревара Македонија како домаќин на 10 и 11 јануари ќе одигра со Црна Гора.

За Краков, Полска планирано е да се патува на 13 јануари. Првиот натпревар на шампионатот Македонија го игра на 15 јануари против Франција.