Обвинение за сопругот на Ивана: Насилството довело до самоубиство
Сопругот на Ивана која заедно со шест годишната ќерка си го одземаа животот, заработи обвинение. Ќе одговара за три кривични дела. Обвинителството го гони Стојанче за Наведување на самоубиство, Загрозување на сигурноста и телесна повреда како продлжено дело на семејно насилство.
„Согласно обезбедените докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која спрема него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот“, велат од ОЈО - Скопје.
Според обвинителството, малтретирањето почнало откако Ивана му го отстапила својот дел од станот во кој требало таа да продолжи да живее со нивната ќерка. Од лани, малтретирањата прераснале во сурово и нечовечко постапување.
31 годишната жена, често била тепана на јавни места и пред други луѓе. Така било и кобниот втори март. Ја удирал со шлаканици и тупаници нанесувајќи и тешки повреди поради што изгубила и свест. Обвинетиот Стојанче на паркинг зад Кривчниот суд и се заканил и по животот, па заминале во станот. Требало да ги земе своите работи и да замине од домот. Побарала да остане сама со детето за да може да се спакува, по што скокнала од шестиот кат на зградата во Тафталиџе.
„Малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете“, велат од ОЈО Скопје.
Стартот на судењето, Стојанче ќе го чека во притвор. Обвинителството побарало продолжување на мерката бидејќи постоела опасност тој да побегне, но, и да продолжи да врши насилнички кривични дела.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
