Обвинетиот Стојанче Јовановски прво призна вина, па се предомисли
Стојанче Јовановски денеска во судот призна вина дека ја тепал и и ја загрозил сигурноста на неговата покојна сопруга Ивана, но не и дека ја навел да се самоубие. Низ солзи кажа дека виновен за нејзиното самоубиство е Мартин Саздов, кој му бил колега и за кого тврди дека и бил партнер на Ивана. Кажа и дека тој го натерал да признае вина за делата што му се ставаат на товар, па судот не му го уважи признавањето на вина, бидејќи било под присила.
Според обвинителството тој манипулира, а ќе докажат дека е виновен делата за кои е обвинет. Адвокатката на семејството на Ивана вели дека наведување на самоубиство во Македонија прв пат се суди, но во земјите од светот е честа пракса.
Ивана била тепана од Стојанче низ годините дури биле заедно. Модринките пред мајка и ги правдала како несмасност и не признавала дека Стојанче ја малтретира. Нејзината мајка денеска сведочеше за насилствата кои ги трпела Ивана.
Ја оставил на автопат во Штип заедно со нивната ќерка во еден по полноќ зошто Ивана ја згрешила локацијата и го згрешиле патот, а претходно ја истепал. Тогаш Ивана решила да се разведе, но по неколку месеци се вратила во семејниот дом.
Малтретирањето не престанало. Во јануари годинава завршила во болница поради хематом во абдомен од тепање. Лежела во болница, а ќерката Катја била со Стојанче. Кога дошле да ја посетат, се скарале и ја бутнал по скалите во болницата.
Ивана излегла кај лифтовите, почнале да се расправаат, сакал да и ги земе телефоните да види со кого комуницирала во болница. Тогаш Катја кажа дека Стојанче ја турнал Ивана по скалите, болничар видел и се стрчал да ја собере од долу и веднаш и направиле компјутер на главата и проверувале дали има скршеници. Дури докторите биле зафатени со Ивана, Стојанче ја земал Катја и избегал, сведочеше мајката на Ивана.
По излегувањето од болница, се вратила во домот кај Стојанче. Тој бил повеќепати пријавуван дека ја малтретира, два пати и од сопствената мајка. Во еден наврат нивното дете отишло кај соседите да бара помош.
Кога се вратиле од гости почнал дома да ја тепа, Катја истрчала боса и тропнала на вратата на соседите во еден часот по полоноќ и им кажала: Викнете полиција, татко ми ќе ја убие мајка ми. И Ивана истрчала во станот кај соседите и отаму ми се јави да ја земам. Полиција дојде, но Стојанче не отвораше врата и не се јавуваше на телефон. Полицијата не однесе во мојот стан.
На денот кога решила да се самоубие со нејзината ќерка скокајќи од шести спрат во зградата која живееле, Стојанче откако ја тепал на повеќе локации до онесвестување и се заканувал со зборовите: Ќе ти го уништам животот, ќе ти го земам детето, пријави ме во полиција ништо не ми можеш, ќе излезам од затвор ќе видиш што ќе ти направам.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
