Македонија
1. July 2026 - 19:40

Од 1 октомври граѓаните кои сакаат може да дадат согласност кај матичен за дарување на органите по смртта

Јас, Сања Димитровска, со целосна свест, слободна волја и без присила, изјавувам дека сум запознаена со значењето на дарувањето органи и ткива заради лекување по смртта. Со оваа изјава давам согласност, по мојата смрт, доколку се исполнети законските и медицинските услови, моите органи и ткива да можат да бидат дарувани заради лекување на други лица. Оваа изјава официјално ќе ја потпишам на 1 октомври кај мојот матичен лекар. Тогаш стапуваат на сила измените на законот за трансплантација со кој секој кој сака може да влезе во регистарот на органодарители со согласност дадена кај своите доктори. Надлежните уверуваат – нема да има никакви злоупотреби со личните податоци на граѓаните а целата постапка ќе биде транспарентна.

-Тој регистар ќе биде строго доверлив и ќе имаат пристап исклучиво луѓето што работат трансплантација, исклучиво тие што имаат пасворд за тоа и исклучиво кога ќе биде докажана мозочна смрт. А сето тоа дека некој ќе злоупотребува, дека некој ќе убие на улица се тоа е во делот на урбани легенди, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација. 

-Се знаат евроспките стандарди, ние и да сакаме не може да креираме база без тие стандарди кои се веќе дефинирани. Така да не се секирајте и вие и граѓаните, не може ништо без тие стандарди, вели Азир Алиу, министер за здравство. 

И додека долгорочно ќе се анализираат придобивките од доброволната согласност кај матичен лекар за донирање на органите по смртта, краткорочно, законските измени можат да ја намалат листата на чекање за бубрег од жив дарител кој е проширен до четврто колено. 

-Штом влезе во сила законот, ако има прв братучед кој е медицински компатибилен и има волја, во областа на живо донорството очекуваме многу брзо да имаме зголемен број на трансплантации, вели д-р Кузмановска. 

А до стапување на законскоро решение во сила, над 160 граѓани чекаат бубрег, повеќе од 30 имаат потреба од ново срце, 12 црн дроб и над 20 рожница.