Македонија
12. April 2016 - 16:18

Од 1-ви септември 131 дефектолог ќе бидат ангажирани во македонските училишта

Од 1-ви септември 131 дефектолог ќе бидат ангажирани во македонските училишта, објави на својот профил на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Одлуката е донесена на владина седница, а ваков кадар ќе добијат сите образовни институции кои го известиле министерството дека имаат потреба од дефектолози бидејќи на одреден број ученици им е неопходна стручна помош.

Груевски на социјалната мрежа напиша дека се исполнува уште едно големо ветување дадено пред 1 месец во Кичево.

- Ова беше барање кое многу често беше поставувано на теренските посети, ја увидовме потребата и донесовме одлука која има повеќекратна функција. Освен тоа што ќе се вработи професионален кадар, нивната работа ќе биде и додадена вредност во образовниот процес, особено важна за оние на кој им е потребна нивната помош. Се работи за повеќедецениски проблем и хроничен недостаток на ваков кадар. Сега тоа ќе биде минато.  Продолжуваме да работиме за граѓаните и да решаваме што е можно повеќе проблеми. Да создаваме работи кои се од реална корист. Зборот си е збор и тој мора да се исполни!, пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот профил на Фејсбук. 

Според заменик министерот за образование Спиро Ристовски 74 дефектолози ќе бидат ангажирани во основни, а 57 во средни училишта.

Постапката ќе биде транспарентна, преку јавни конкурси за вработување со детални информации за условите и критериумите за аплицирање.  

-Министерството за образование и наука  веќе почна со дистрибуција на согласностите до училиштата, а со оглед на тоа дека училиштата се децентрализирани, целокупната постапка за ангажирање ќе треба да ја реализира соодветната општина, изјави Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука.

Ристовски потенцираше дека некои училишта имаат потреба еден, а други пак од двајца или тројца дефектолози. Министерството за образование ќе го следи процесот и ако има потреба, дополнително ќе биде ангажиран ваков стручен кадар.