Од 12 октомври нови правила за влез и излез во ЕУ и за Македонците – регистрација на граница со отисок и фотографија
Ако од 12 октомври сакате да поминете граница на земја членка на ЕУ на граничните премини или аеродромите ќе мора да оставите биометриски податоци, отпечаток од прст и фотографија – ЕУ почнува да ги применува новите правила за влез и излез. Патниците кои не се дел од Унијата, меѓу кои и државјаните на Македонија, ќе се соочат со нови процедури при влезво Шенген зоната. Одложување на процесот нема да има велат од делегацијата на ЕУ во земјава - во периодот од 6 месеци постепено сите патници мора да бидат внесени во електронскиот систем во сите 29 земји од Шенген-зоната.
Според евроамбасадорот Рокас, со системот ќе се убрза и поедностави влегувањето во ЕУ.
„Ова практично значи дека прогресивно, кога влегуваат граѓаните од трети земји во ЕУ, ќе треба да се регистрираат само еднаш со биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија и потоа во следното влегување се ќе биде полесно. На пример, кога поминувате на аеродром ќе може да употребувате автоматски врати и ќе биде многу побрз начин на патување на границите на ЕУ“, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Михалис Рокас.
За македонците предизвик остануваат граничните премини со Грција и Бугарија, поради километарските колони особено во летниот период. Новите правила нема да се применуваат на деца до 12 години
Според очекувањата од ЕУ, Грција веднаш треба да го имплементира системот, додека за влез во Бугарија на граничните премини Деве Баир и Ѓушево системот ќе започне кон крајот на октомври, а на останатите кај Делчево и Ново Село до крај на годината.
Целиот процес ќе се одвива во четири фази. Во првата фаза, односно 30 дена од почетокот на примената е предвидено да бидат опфатени 10 проценти од сите патници кои влегуваат во Шенген, а не за сите.
Според делегацијата на ЕУ во земјава со овој систем ќе се зајакне безбедноста на границите, но и да се намалат измамите со идентитетот и злоупотребите со пречекорување на 90-дневната дозвола за престој. За сите ќе важат истите правила.
До крајот на следната година стартува и ЕТИАС-системот на ЕУ со кој граѓаните на земји надвор од ЕУ кои се ослободени од виза, пред патувањето мора да се регистрираат онлајн за самото патување во Европа. Регистрацијата, ќе чини 20 евра и ќе важи три години, со исклучок на помлади од 18 и постари од 70 години.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар