Македонија
14. August 2025 - 12:12

Од 15 август стартува „училишната кошничка“

Од утре со одлука на Владата, а по предлог на Министерството за економија и труд започнува втората по ред училишна кошничка. Заменик министерот за економија, Марјан Ристески, истакна дека целта е заштита на стандардот на граѓаните. Училишната кошничка за разлика од лани започнува порано и ќе трае од 15 август до 15 септември.

„Цените ќе бидат земани од 1 јуни, намалувањето на цените ќе биде земано од 1 јуни. Во трговијата на големо ќе имаме намалување од 10% и во трговијата на мало ќе биде намалувањето околу 15%. Ако споредиме со ланската година кога имавме заштеда по ученик од 750 до 2.000 денари, очекуваме и сега заштедата по ученик да биде од 800 до 2.000 денари. Значи едно семејство кое има еден ученик би заштедило до 2.000 денари, ако има 2 ученици би заштедило од 3 до 4.000 денари“, истакна Марјан Ристески, земеник министер за економија и труд.

За неспроведување на одлуката ќе има ригорозни казни кои ќе се движат од 800 па се до 10.000 евра, во зависност од големината на објектот.

„Ланската година беше прва и имаше мало закаснување, сега е навреме, започнува од 15 август до 15 септември. Лани прво имавме опомени, но оние кои не ги почитуваа беа изречени и казни, мислам дека висината на казните беше околу 200.000 евра на ниво на Република Македонија. И овој пат нема да бидат поштедени, бидејќи наша главна цел ни се граѓаните, односно учениците во текот на овој период кога ќе започне учебната година“, рече Ристески.

Инаку за брзо време ќе се излезело и со мерки кои ќе треба да ги намалат цените и на другите производи во маркетите, со што би се зауздала и инфлацијата која постојано расте.