Македонија
23. October 2026 - 16:28

Од историското наследство до денешните предизвици одбележан 23 Октомври

Со почит кон вековниот стремеж за слобода и оддавање признание на основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, земјава денеска го одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Идеалот за кој се бореа дејците како Гоце Делчев, Питу Гули и Јане Сандански, независна и суверена Македонија, денес се соочува со современи предизвици и оспорувања од соседна Бугарија, кои се појавија дури откако таа стана дел од Европската Унија. Токму затоа, премиерот Христијан Мицкоски во своето празнично обраќање порача дека македонското место е на истата маса во Брисел, каде рамноправно ќе се штитат националните интереси. И покрај скептицизмот предизвикан од билатералните пречки, премиерот нагласи дека патот кон европското семејство бара мудрост, потсетувајќи дека иако големите народи го прават она што го сакаат, а малите она што мораат, со вистинска стратегија и мудрост и малите можат да победат.

На безбедносен план, тој истакна дека протестите во Европа и регионот создаваат ризик од пренесување на туѓи кризи во земјава. Мицкоски апелираше до граѓаните да внимаваат и да не подлегнуваат на наметнати провокации.

Во пораката за празникот претседателката Силјановска-Давкова, нагласи дека чествувањето на историскиот подвиг има смисла само ако се живеат вредностите на револуционерната борба. Според неа, заветот на дејците бара денес нивните идеали да ги преточиме во праведност, социјална солидарност и залагање за заедничкиот напредок.

- Историското завештание не е само причина за гордост, туку и морална обврска да ја унапредуваме државата, да го штитиме човечкото достоинство и да создаваме општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат не само темелни вредности, туку и реалност. Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи, напиша претседателката на државата. 

Наша заедничка обврска е, почитувајќи го минатото, да продолжиме да градиме демократско, стабилно и просперитетно општество, засновано на меѓусебно почитување, еднаквост и заедништво, со порака и претседателот на Собранието, Гаши. 

Денеска владини делегации, министри, пратеници положија цвеќе пред споменикот на основачите на ВМРО.