Македонија
8. September 2025 - 16:32

Одбележан 8 ми Септември - Ден на независноста на Македонија

Независноста не е само потпис на хартија, таа е жртва, борба, љубов кон оваа света земја. Пред 34 години се случи историска пресвртница, се крена јарболот на независноста и се слушна гласот на сите оние кои споделуваа визија за самостојна и независна Македонија - порача премиерот Христијан Мицкоски, од централната прослава под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“.

Мицкоски испрати порака дека и покрај многуте предизвици, државен приоритет останува задржување на неталитетот и запирање на иселувањето. Најави систем кој ќе ја охрабри младата генерација да остане тука, да создаде семејство и да верува во својата иднина дома.

-Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со  референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право. Неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, стои во честитката на претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Таа во интевју за Сител осврнувајќи се на актуелните случувања повика да се научат лекциите од минатото.

Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава, вели собранискиот спикер Африм Гаши.

-Да се обединиме околу вредностите на сплотеноста и посветеноста за исполнување на аспирациите на нашата земја. Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот. Како стабилен сојузник на НАТО и како земја кандидат за членство во Европската Унија, ова е момент кој од нас бара да продолжиме со напорите за изградба на побезбедна и посветла иднина за идните генерации, пишува Гаши во честитката.

Пред 34 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. По повеќе од три децении самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии - инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година.

И поновата историја на државата носи бројни предизвици за Македонија – од менување на уставот и уставното име за членство  во НАТО, до нови сопки и вета за посакуваното членство во ЕУ.

Како дел од одбележувањето на 8-ми септември, претставници на државниот врв, собраниска делегација, претставници на политичките партии дипломатскиот кор оддадоа почит и положија цвеќе на вечните почивалишта на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, поранешниот претседател на Републиката, Борис Трајковски и првиот претседател на Владата, Никола Кљусев.