Одбележување 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка

Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ја одбележуваат 83-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка.
По тој повод, премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе пред спомен обележјето во поранешниот Монопол во Скопје, а ќе се обрати и на настанот организиран по повод одбележувањето на годишнината.
Исто така, и собраниска делегација во состав: Љупчо Пренџов, Дафина Стојаноска и Даниела Николова ќе положи цвеќе на споменикот во поранешниот Монопол, како и на Споменикот на депортираните Евреи и Споменикот на паднатите борци во НОБ на Еврејските гробишта и на Градските гробишта Бутел.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, присуствуваше на комеморацијата на Холокаустот на македонските Евреи.
Таа оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта Треблинка во 1943 година.
Вчера собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Весна Бендевска положи цвеќе на Споменикот на жртвите на холокаустот Камена Менора и на Споменикот на Естреја Овадија-Мара во Битола.
Евреите од Битола, Штип и Скопје, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол и од таму во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22 март 1943 година, а до 29 март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.
За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7144-те македонски Евреи.
МИА
Ново на Сител
-

Општина Струга не може да го продаде „аудито“ на Мерко од 67.000 евра поради стар долг
-

Малолетници нападнале 15-годишник во Скопје, еден од нив пукал со пиштол кон него
-

МНРиНТ: Досега реализирани четири летови за евакуација на граѓани од Блискиот Исток, превезени вкупно 458 патници
-

Семејството ја пријавило за исчезната, познат идентитетот на пронајдената жена во Вардар
-

15-годишен чирак со остар предмет го нападнал синот на газдата на берберница во Арачиново
-

ИДФ го погодиле нуклеарниот комплекс Телеган, крај Техеран
-

Опожарени три возила на паркинг во Ново Лисиче
-

Собранието ја утврди потребата за носење неколку закони, меѓу нив измените на законите за возила и за безбедност на сообраќајот
