Македонија
13. August 2025 - 16:35

Одблокиран процесот за лиценци кои се неопходни за работа во градинка

Одблокиран процесот за издавање лиценци за работа во градинка по двегодишна блокада. Денеска околу 350 лица воспитувачи, негуватели, стручни работници, соработници и директори полагаа  да  добијат документот кој е задолжителен за работа во установите за згрижување и воспитување деца на предучилишна возраст. 

- Поради нефункционален електронски систем за полагање, голем број на кандидати не може да пристапат кон испитот што предизвика застој токму кога имавме најголема потреба за кадар во градинките на нацинално ниво. Се со цел надминување на овој проблем, и на оваа ситуација, извршивме измени во Законот за заштита на деца, со кој се овозможи стручниот испит да се спроведува и во хартиена форма и тоа до 1 јануари 2026 година, а по тој рок процесот за лиценцирање ќе продолжи по електронски пат, изјави Фатмир Лимани, министерот за социјална политика, демографија и млади.

Токму поради застојот изминатиот период повеќе општини реагираа дека не можат да ангажираат негувателки и воспитувачки во градинките, а кубуреле со ваков кадар поради пензионирање или напуштање на професијата. 

До крајот на септември уште 350 лица ќе имаат можност за полагање за лиценца, а сите кои поднеле барање по нивното разгледување ќе бидат контактирани од комисијата при министерството.