Македонија
5. September 2025 - 16:34

Одложена Комисијата за надзор на АНБ

Пропадна денешниот обид да се направи надзор врз работењето на АНБ од матичната собраниска комисија, по објавувавањето на информациите за незаконско следење на политичари, бизнисмени, медиуми од 2019 година до лани. По противењето на Скендер Реџепи кој претседава со Комисијата и безбедносниот сертификат кој не го поседува, спикерот Гаши го искористи правото и сам свика седница, а за претседавач ја назначи Славјанка Петровска, како пратеник од опозицијата.

Но по обвинувањата на Реџепи дека е злупотребен деловникот оти тој не бил известен Комисијата беше повторно одложена. Пред само два дена Реџепи кој сам изјави дека Претседателот на Собранието има можност да свика комисија вон негова надлежност, се закани и со пријави ако седницата се свика без тој да знае. 

СДСМ бара итен надзор на АНБ и подготвени се да претседаваат со Комисијата онака како што опеределил Гашии, но се сомневаат дека власта нешто крие во целиот случај. Велат дека декласификација на податоците мора да биде направена, за расчистување на скандалот. 

И владејачката ВМРО-ДПМНЕ инсистира на итна седница на комисијата и  надзорна посета на АНБ веќе во вторник.

Без детали од кабинетот на собранискиот спикер само известија дека комисијата се одложува. Дали ќе се прави нов обид за свикување на комисиката расправа со која би раководела Петровска, засега нема информации. 

Ова е трет пат, поради безбедносниот сертификат на Реџепи, воопшто и да не се почне расправа на Комисијата за надзор на АНБ, ниту пак да се реализира надзор во институцијата што е работа и обврска на собраниската комисија.