Одложено денешното судско рочиште за предметот „Онкологија“

Судското рочиште за предметот „Онкологија“, што се води пред Основниот кривичен суд Скопје, денеска, беше одложено поради отсуство на судијката Снежана Марковска од здравствени причини.
Од Судот информираат дека следното рочиште ќе се одржи на 25 ноември, по претходно закажаните термини.
На последното рочиште, одржано на 5 октомври, Обвинителството ги оспори заклучоците на вештакот на одбраната Владимир Даниловски за терапијата применувана кај онколошките пациенти.
На вкрстеното испрашување, обвинителството побара од вештакот да образложи врз основа на кои официјални протоколи ги темели заклучоците дека конкретната терапија била соодветна.
Одбраната, пак, преку адвокатот Боби Спирковски, кој го застапува поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, оцени дека суштинското прашање во постапката е дали применетата терапија ја влошила здравствената состојба на пациентите или предизвикала нивна предвремена смрт, а не изборот на конкретни лекови.
Во случајот, поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што, според обвинителството, кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство – Скопје.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски најави мобилни камери и контроли на сообраќајните црни точки низ државата
-

Финска нуди бесплатно патување на 16 мажи и жени од целиот свет со сите платени трошоци и состанок на слепо
-

„Лајка“ со зголемен обем на работа, 52 отсто повеќе заловени кучиња во првите десет месеци од годината
-

Бугарија: Најмалку 11 загинати и десетици повредени во верижните сообраќајки со над 70 возила
-

Откриени повеќе од 20.000 профили на TикТок поврзани со педофилија во Шпанија
-

Унгарскиот премиер потврди дека братот на Виктор Орбан е приведен
-

Нема повредени лица при запалените куќи на Бит-пазар, велат од ЦУК
-

Трагедија во Бугарија: Најмалку петмина загинати во верижен судир на 50 возила поради густа магла
