ОЈО Битола откри шема на измами со лажни сообраќајки по кои од граѓаните биле извлечени над 60.000 евра

Основното јавно обвинителство Битола во координација со Истражниот центар во тоа обвинителство и СВР Битола, откри разработена шема на измами на граѓани со лажни сообраќајни несреќи. Случаите се поврзуваат со телефонски броеви од Романија.
Од ОЈО Битола информираат дека на подрачјето на ОЈО Битола во последните два – три месеци биле измамени над десет граѓани од кои биле извлечени вкупно над 60.000 евра и други вредни предмети. Бројот на вакви настани особено се зголемува од почетокот на февруари, од кога се евидентирани веќе шест слични случаи.
Во сите предмети начинот на извршување е сличен, посочуваат од ОЈО Битола, оштетени се обично повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека некое ним блиско лице е тешко повредено во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за сложена операција. Втората верзија на лажни факти која измамниците им ја претставуваат на дел од оштетените е дека нивен близок предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна.
Доведени во заблуда и исплашени за своите блиски, оштетените се согласуваат лично на рака да исплатат различни суми пари – од неколку десетици илјади денари до над 20.000 евра, златен накит и вредни предмети. Парите ги предаваат на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на Фејсбук, биле ангажирани за работа. До овој момент, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири вакви лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани.
Според сознанијата на истрагата, парите потоа се пренесуваат и се предаваат кај засега непознато лице во Бугарија. Она што ги поврзува случаите се и телефонски броеви од Романија кои се употребени во сите овие настани за контакт со оштетените.
Основното јавно обвинителство Битола упати и барање за меѓународна правна помош до органите на овие држави со цел преземање дејствија за откривање на сторителите, а во меѓувреме, истражните органи апелираат граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не се согласуваат на исплата на парични средства „на рака” на лица кои воопшто не ги познаваат.
МИА
Ново на Сител
-

Девет предмети за дискусија на седница на Уставниот суд
-

Погодени два танкера во Ормускиот Теснец, нови напади врз американски бази во Катар, Кувајт и Ирак
-

Наскоро почнува летното сметање на времето: Совети од експерти за брзо приспособување на биоритамот
-

Тешка сообраќајна несреќа утрово во Ново Лисиче | ФОТО
-

Кривична за лице од скопско за криумчарење мигранти, пронајдени 10 лица мигранти од Египет
-

Татко му се заканувал со нож на својот син во Кисела Вода, Судот го отстрани од неговиот дом
-

Најстудено утрово во Берово минус 6, денеска температури до 20 степени
-

Македонски државјани од Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин со специјален лет се враќаат во земјава
