Македонија
1. August 2025 - 13:36

ОЈО: Обвинение против шест лица за фалсификување пари

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска поднесе обвинителен акт против шест лица, за кои постои основано сомнение дека како злосторничка група, организирана од првоосомничениот, сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

На пет лица им се става на товар кривичното дело фалсификување пари“, додека првообвинетиот и уште едно лице се обвинети и за кривично дело - правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“, соопштија попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

-Од крајот на 2023 година до февруари 2025 година, првообвинетиот на територија на македонска и српска територија создал група на која припадници станале останатите обвинети - македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во Република Србија. Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти - евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во Република Србија по цена од 25-30 отсто од номиналната вредност на вистинските банкноти. Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година, 114 .150 лажни евра, групата ги продала за 42.400 евра, се појаснува во соопштението.

Со обвинителниот акт, Обвинителството бара и продолжување на мерката притвор.

 

МИА