Македонија
24. March 2026 - 16:33

Онлајн радикализацијата како безбедносен проблем: Како се одвива екстремистичкото регрутирање

Почнува суптилно, со чувство на неправда, фрустрација, социјална изолација, потреба за припадност... А дигиталниот простор дозволува лесно ширење на штетните наративи.

„Онлајн радикализацијата како безбедносен предизвик“ беше тема на дебата помеѓу експертите во безбедносно-полициските служби во државата, во организација на Институтот за комуникациски студии.

Регрутацијата и радикализацијата во Македонија во најголем дел се уште почнува лице в лице, особено кога станува збор за верскиот екстремизам, кој најчесто почнува во пара-религиски институции, но дигиталниот простор главно се користи за ширење на екстремистичките идеи.

Но Македонија и соседството се соочува и со еден поинаков вид на екстремизам.

-Иако во јавноста се стекнува мислење, односно привлекува повеќе внимание злоупотребата на религијата, т.н. верски мотивиран радикализам, сепак и во нашата држава и во непосредното опкружување не треба да ги заборавиме и оние етно-националистички движења коишто за жал се уште егзистираат, експонираат, согласно идеолошката основа, вели поранешниот помошник директор на Агенцијата за национална безбедност, Бобан Стојановски.

Службите во Македонија детектирале и директни врски помеѓу радикалните и терористичките групи со подземјето.

-Во Македонија во последните две години откриени се 14 групи, нарко-групи од нарко-бизнисот коишто директно влијаат позитивно на стабилноста, на безбедноста на државата затоа што се повеќе информации укажуваат дека терористите сакаат да ги користат овие групи на организиран криминал за извршување на активности, насилни активности, вели Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам, Павле Трајанов.

Во подготовка е нов Закон чијашто задача ќе биде токму борбата против екстремизмот во Македонија. Откако ќе се донесе, ќе биде формирана и посебна единица, која најверојатно ќе биде дел од АНБ, а чијашто задача ќе биде да детектира радикализирање во онлајн просторот.

Но за службите, особено за Агенцијата за финансиско разузнавање предизвик останува начинот на финансирање на терористичките групи.

-Во основа се користат криптовалутите. Се разбира, има повеќе форми на финансирање на некои Невладини организации, пара-верски организации. Кога зборувам НВО, апсолутно не мислам на оние што функционираат и коишто се присутни во јавноста, туку на НВО кои се формираат за ден-два, ќе ги исперат парите и потоа тие се користат за финансирање и поттикнување на радикализам, вели Трајанов.

-Во државава егзистираат, би рекол, една убава бројка на здруженија, групации и поединци коишто ги злоупотребуваат начините на функционирање на поедини граѓански здруженија токму за ширење на ваков вид на радикална пропаганда преку која потоа се регрутираат нови потенцијални истомисленици, вели Стојановски.

Во изминатите неколку години службите спречија неколку терористички напади во напредна фаза на планирање. Последниот случај беше пред само еден месец кога по дојава од американското ФБИ полицијата приведе 20-годишник од Мала Речица кој на „Дискорд“ упатил сериозна закана дека е подготвен за напад со огнено оружје. Во акцијата приведен и уште еден 89-годишник, а специјалците од Тигар пронашле и цел арсенал огнено оружје и муниција.