Македонија
26. јуни 2026 - 12:10

Опожарена шума, нерешени имотни односи и обвинувања за привилегии

Жителите на делчевското село Косевица реагираат дека не можат да добијат одобрение за сеча на опожарени шумски површини за кои тврдат дека се во нивна сопственост. Велат дека, и покрај тоа што располагаат со скици и документација за парцелите, од нив се бара физичка делба и исполнување на дополнителни административни процедури, што, според нив, го отежнува остварувањето на нивните права. Тие обвинуваат дека постојат двојни аршини и дека одредени лица без поголеми проблеми добиваат дозволи и вршат сеча на опожарената шума. Од надлежните бараат јасно образложение за причините поради кои нивните барања се одбиваат, како и еднаков третман за сите граѓани.

  • Јас заедно со моите братучеди имам околу 50 декари опожарена шума. Не ни дозволуваат да ја исечеме, бараат физичка делба и дополнителни документи, а тие госпофдата од Делчево, што се моќници во Македонија можат да сечат како сакаат и да носат колку можат. Како тие можат да направат физичка делба, тие луѓе јас ги знам, нивните пацели се до мојата, тие се во Германија Нивните парцели ги исекоа со помош на роднини, не му треба ниту потпис, ниту ништо. Знали и „шумското“ игра голема улога тука. Опожарени, а овие носат трупци, се живо, изјави жител на Косевица.

На обвинувањата од мештаните се огласија од ЈП „Национални шуми“ – подружница Делчево. Од претпријатието појаснуваат дека станува збор за имоти во сопственост на повеќе лица. Дел од сопствениците се починати, дел живеат во странство, а кај дел постојат нерешени имотно-правни односи. Поради тоа, без физичка делба не може да се одобри барањето за сеча. Воедно, лицата кои жителите ги посочуваат како привилегирани ја поседуваат целосната потребна документација и постапуваат согласно законските прописи.