Опозицијата бара одговорност, власта задоволна од надворешната политика
Кој ќе ја понесе политичката одговорност што Македонија и овој пат не доби датум за преговори со Европската унија, дали тоа е некој од надвор или пак, политичките актери премиерот Заев и министрите Османи и Димитров кој изминативе години тврдеа дека државата има датум, а потоа доби вето од Бугарија? Ова е прашањето кое опозицијата му го постави на шефот на дипломатијата Бујар Османи на отчетот што тој го даваше пред собраниската комисија за надворешни работи за тоа што сработила дипломатијата во 2020 година.
Наспроти ова, Османи тврди дека годинава ќе биде запаметена како година во која најмногу е направено за евроатланските интеграции. Станавме членки на НАТО и по 15 години има датум за преговори со Брисел, вели тој. Очигледно, спорот со Бугарија, коментира Османи, станa пречка со конзензус Советот на ЕУ да донесе одлука за меѓувладина конференција со што и формално би ги почнале преговорите.
Опозицијата реагираше и на нонпејперот и поставувањето на Бучковски како специјален преставник во разговорите Скопје – Софија со кои се поткопува македонскиот идентитет.
Ова е прв пат, Османи да се најде пред пратениците откако два пати претходно го одбиваше предлогот на опозицијата во парламентот да се разговара за односите со Бугарија.
Токму поради одбивањето да даде отчет, но и начинот на кој се решава спорот со Софија, ВМРО-ДПМНЕ поднесе и интерпелација за работата на вицпремиерот Никола Димитров, вториот министер чии ресор се однесува на евроинтеграциите.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
