Македонија
17. March 2026 - 16:47

Опозицијата ќе поднесе предлог закони за ублажување на кризата

Владата ги остави граѓаните сами да се справуваат со последиците од кризата во Ормускиот теснец. Опозицијата обвинува дека на Илинденска 2 не им е грижа за стандардот на граѓаните.

Првиот човек на СДСМ најави дека пратеничката група ќе поднесе предлог закони за ублажување на кризата, за која вели дека ќе се прелее и на цените на храната, но и на сите други производи.

- Прво закон за намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за горивата, понатаму намалување на акцизата за 4 денари, третиот закон е укинување односно сведување на 0% проценти ДДВ за основните прехранбени производи и четвртиот закон е за преполовување на цените на патарините коишто нашите граѓани ги плаќаат возејќи по патиштата ширум државата, рече Филипче.

ДУИ, пак, побара оставка од министерот за економија Бесар Дурмиши.

- Нема никаква интервенција од Владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните, оставајќи ги на милост и немилост на случувањата. Република Северна Македонија во моментов функционира без функционално Министерство за економија, во време кога се очекува значително зголемување на цените на основните производи, на трошоците за транспорт и, воопшто, поскапување на животот за граѓаните, рече Албана Мустафа од ДУИ.

Владата денеска одржува редовна седница, но на дневниот ред нема ништо за евентуални мерки. Оттаму велат дека се уште размислуваат со какви мерки ќе се борат против поскапувањето на дериватите, но уверуваат, ќе реагирале навремено. Дополнително, најавуваат контроли на терен и следење на однесувањето на трговците.

- Владата активно ја следи состојбата со цените на горивата и во следниот период меѓу опциите кои се разгледуваат е и намалувањето на ДДВ од 18% на 10%, со можност за дополнително намалување, зависно од движењата на светските пазари. Целта е заштита на животниот стандард, намалување на ценовниот притисок и одржување на економската стабилност. Владата ќе реагира навремено за ограничување на ценовните притисоци, поддршка на стопанството и одржување на ликвидноста, велат од Влада.

Во две недели, дизелот поскапе за 20,5 денари, а бензинот за 12 денари откако цената на суровата нафта почна да се качува светските берзи.