Македонија
5. March 2026 - 19:39

Опозицијата не дојде на расправа за реформски закон

Новиот закон за јавно обвинителство ќе оди на јавна расправа во Собранието.

Комисијата за политички систем одлучи на расправата да бидат повикани правни експерти кои ќе ги изнесат своите забелешки за предложеното законско решение. Станува збор за реформски закон, дел од европската агенда, кој треба да биде донесен до јуни.

Но, на првата можност за расправа опозициските СДСМ и ДУИ не присуствуваа. Од ДУИ велат дека не станува збор за бојкот, но не објаснуваат зошто не учествуваат во дебатата за вакво системско решение. Од пратеничката група на СДСМ засега нема одговор за отсуството.

Од Министерството за правда велат дека со законските измени се зајакнуваат критериумите за избор и одговорност на јавните обвинители, што треба да ја зголеми довербата на граѓаните во обвинителството.

Во законот, сепак, не е вградено барањето на Венецијанската комисија државниот јавен обвинител да се избира со двотретинско мнозинство, наместо со апсолутно мнозинство, бидејќи за тоа се потребни уставни измени.

Иако се работи за владин закон, и дел од пратениците од власта имаат одредени забелешки.

Во меѓувреме, Комисијата за избори и именувања утврди предлог-листа од двајца кандидати за член на Судскиот совет, кои ги избира Собранието. Од шестмина пријавени кандидати, во финалниот избор влегоа Арбер Исаку, поранешен член на Советот на јавни обвинители, и Сејфула Османи, поранешен судија од Гостивар, сега адвокат.

Еден од нив ќе го пополни испразнетото место во Судскиот совет, по истекот на мандатот на досегашен член.