Опозициски прашања во Парламентот - во фокусот мерките за справување со кризата
Парламентарното мнозинство го одби пакетот закони на СДСМ за заштита на животниот стандард на граѓаните по притисокот од кризата на Блискиот Исток. Ова ги разгори обвинувањата меѓу опозицијата и владата дека нема план за справување со кризата. Опозицискиот лидер Филипче директно го обвини премиерот Мицкоски дека владата лошо ја менаџира кризата за да ги заштити граѓаните од ценовните шокови.
Побара одговори зошто наместо по празниците , веднаш не се донесат мерки да се спречи поскапувањето на производите.
Владата носи навремени мерки и будно ја следи состојбата , му врати премиерот Мицкоски. Му порача на Филипче да не прави споредба со нивното владеење, бидејќи државата сега плаќа огромни суми на пари поради погрешните политики на СДСМ од минатото.
Дуи го впери прстот во албанскиот партнер во владата велејќи дека се изворот на проблемите околку правата на студентите албанци за полагањето на правосудниот испит. Го прашаа вицепремиерот Сали за колку функции бил продаден албанскиот јазик.
Студентите албанци ќе полагаат правосуден испит на албански јазик, потврди од говорница вицепремиерот Сали.
Левица тврди дека има сигурни информации и побара одговори од Мицкоски дали тој лично стои зад планот за вработување на претседателот на Уставен на некој од универзитетите по завршувањето на неговиот мандат во судот. Премиерот му одговори негативно.
На седницата резервирана само за опозициски прашања , пратениците обвинија и за слаба имплементација на проектите за животна средина, а по локалните избори намален бил интензитетот на реализација и на локалните проекти финансирани од унгарскиот заем...
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
