Општина Струмица го модернизира возниот парк на ЈПКД Комуналец
Старата и дотраена механизација на струмички „Комуналец“ ќе се заменува со нова. Општината започнува со модернизација на возниот парк на јавното претпријатие со цел подобрување на комуналните услуги и одржувањето на хигиената во градот и населените места.
Преку Министерството за транспорт веќе се обезбедени три нови машини , две за метење и една цистерна. Дополнително, со поддршка од општествено одговорни компании дониран е трактор со придружна механизација, а преку Југоисточниот плански регион се очекува да пристигне и ново возило за собирање смет.
Директорот на Комуналец вели дека новата механизација е неопходна за поефикасно функционирање на претпријатието, бидејќи дел од постојните возила се стари повеќе од две децении, а честите дефекти го отежнуваат работењето.
Од општината и претпријатието најавуваат дека обновувањето на возниот парк ќе продолжи и во иднина, со цел зголемување на капацитетите и подобрување на услугите за граѓаните.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
