Општините од Југоистокот со заеднички проект за почист воздух
Десетте општини од Југоисточниот регион започнуваат заеднички проект насочен кон подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух и поттикнување на одржливи еколошки решенија.
Околу 700 илјади евра ќе бидат инвестирани во активности што ќе придонесат за развој на одржлива мобилност, користење на обновливи извори на енергија и создавање зелена урбана инфраструктура.
Во рамки на проектот, во дел од општините ќе бидат поставени станици за брзо полнење на електрични возила, во други ќе се инсталираат фотоволтаични системи, додека во Радовиш и Гевгелија ќе бидат отворени канцеларии за зелена енергија.
Средствата за реализација на проектот кој е насловен Зелено за добро се обезбедени од Европската Унија преку Интеррег ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција.
Проектот ќе се реализира во период од 24 месеци, а неговата имплементација ќе ја води Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во соработка со партнерските институции од двете земји.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
