Македонија
20. July 2026 - 10:01

Орце Ѓорѓиевски: Кој работи и греши

По бројните реакции во јавноста за билбордот на влезот во Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека е поставен нов, а трошоците за неговата изработка и корекција ќе ги сноси компанијата што го изработила.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски порача дека „кој работи и греши“, додавајќи дека го радува тоа што, како што вели, најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка.

„Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми. Веќе нема заборавени маала и населби, работиме посветено и чесно во служба на граѓаните“, напиша градоначалникот.

Тој ја обвини опозицијата дека нема сериозни теми и дека се занимава со „ниски страсти“, додавајќи дека ако најголемиот пропуст на градската власт е печатена грешка, тогаш, според него, се движат во вистинска насока.

Ѓорѓиевски посочи и дека со години никој не го заменил стариот, руиниран знак „Добредојде во Скопје“, кој, како што наведе, стоел запуштен два градоначалнички мандати.

На крајот, тој нагласи дека печатената грешка веќе е коригирана и дека трошоците за исправката ги сноси компанијата што го изработила и поставила знакот преку ЈП „Улици и патишта“, а не Град Скопје.

Ново на Сител