Органодарителство, хуманост што спасува животи
Еден донор може да спаси осум човечки животи и да донесе надеж и среќа во исто толку семејства. Свеста на граѓаните за органодарителство мора да се подигне на повисоко ниво, зашто никогаш не се знае што носи животот. На УГД беше организирана јавна трибина на која присуствуваа медицински и верски авторитети на која беше потенцирана хуманоста и солидарноста на органодарителството.
- За бенефитот од процедурата трансплантација, за која морам да нагласам е една од најстрого законски регулирани процедури и да добиваме што повеќе согласности. Ние ги детектираме потенцијалните донори, го обработуваме, разговараме со семејствата, меѓутоа малку потешко оди со добивање на согласност, изјави Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
- Органодаритеството е нешто што треба да се поддржи, тоа е и култура на живеење. Тоа е сознание дека може да се помогне на различен начин и е суптилна тема која секако бара во јавноста посебен третман, изјави д-р Жан Митрев, кардиохирург.
Илчо Гиовски од Велес е татко кој донирал дел од црниот дроб на својата тогаш 9 месечна ќерка.
- Гледајќи го своето дете, јас гледам борец, бидејќи таа трансплантација не е само обична медицинска процедура, туку давање на втора шанса за живот, изјави Илчо Гиовски, донор.
Духовната димензија на ова хумано дело се огледа и во фактот што верските заедници го поддржуваат како чин на милосрдие, љубов и надеж.
- Секој човек, создаден од Бога е единка сам за себе има право на живот и има право на телесно здравје, а и духовно спасение, изјави отец Добрица Јанев, свештеник во Брегалничката епархија.
Постои национална листа на чекање за органи и ткива, 30 пациенти чекаат за трансплантација на срце, 15 за црн дроб, а најповеќе за бубрег, дури 160 пациенти.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
