Оризарите нема да празнуваат туку ќе штрајкуваат
Жетвата на оризот е во полн ек, а оризарите на 11 октомври, наместо да празнуваат, повторно ќе протестираат. Незадоволни се поради тоа што на последната средба во министерствто за земјоделие не е најдено решение за нивните проблеми, пред се, со откупната цена на арпата и белиот ориз.
-Разговаравме и преговаравме, но за жал, министерот и тие околу него, не сакаат да не слушнат, туку „топката“ ја префрлаат на откупувачите. Ние со откупувачите немаме што да збориме и тие беа на состанокот, но не се постигна никаква согласност- изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
Во моментот арпата се откупува по цена од 22 до 25 денари, што не е доволно за да се покријат производствените трошоци.
-Како што сметам, според мене, до 30 денари ни се трошоците на килограм оризова арпа и сега каде ќе ни биде крајот. Ги наполнивме со пари земјоделските аптеки и сега да го дадеме на откупувачите по 25 денари, ќе го фрлам оризот, ќе го прежалам, ќе го истурам во р.Брегалница, ама по таа цена не им го давам-изјави Тодор Ристов, оризопроизводител од Облешево.
-Како може државата да си ги покачува другите продукти, а ова да остане по иста цена-изјави Здравко Донев, оризопроизводител од Спанчево.
Со субвенциите велат, не можат да ги покријат само трошоците за жетва, кои во споредба со лани се повисоки за 50%.
-Лани жетвата беше 1000 денари за декар, а сега е 1500 денари-додаде Ристов
Поради доцната сеидба, годинашниот род ќе биде значително намален.
-Имаше слана во месец септември и направена е штета на оризовите површини-изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево.
На средбата во министерството е побарано оризот да стане стратешка култура, а 1/3 од годинашната реколта да биде откупена за стокови резерви, меѓутоа, оризарите тврдат дека, добиле само ветувања кои до сега не се реализирани.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар