Остри реакции на конгресмени на двете партии на враќањето на Хуанг во „Енвидија“

Членови на американскиот Конгрес од двете партии остро реагираа на одлуката на Управниот одбор на „Енвидија“ (Nvidia), Џенсен Хуанг повторно да ја преземе функцијата извршен директор. Одлуката отвори прашања за можно мешање на администрацијата на Доналд Трамп во работата на технолошкиот гигант и за ризиците по националната безбедност на САД.
Републиканскиот сенатор, Тим Скот, досегашен претседател на сенатската Комисија за банкарство, најави дека Хуанг на 3 декември ќе сведочи пред тоа тело.
Демократската сенаторка, Елизабет Ворен, побара администрацијата да објасни каква улога имале американските функционери во, како што рече, „непромисленото“ враќање на Хуанг на чело на компанијата.
Демократот Роберт Гарсија, кој ќе претседава со Комисијата за надзор на Претставничкиот дом, оцени дека директното мешање на Трамп во одлучувањето на „Енвидија“ отвора сериозни прашања за националната безбедност и корупцијата. „Мораме да ги истражиме овие постапки“, рече тој.
„Енвидија“ и претходно беше под засилен надзор на Конгресот, откако Хуанг призна дека бил во контакт со кинеска бизнисменка за која американските функционери се сомневаат дека е шпионка.
Загриженоста се однесува и на можната продажба напредни чипови на Кина, во време кога САД настојуваат да ги заштитат технологиите клучни за трката во областа на вештачката интелигенција. Конгресмени претходно побараа од Министерството за трговија да ги суспендира или преиспита извозните дозволи на „Енвидија“ за Кина и да направи процена на ризиците за националната безбедност.
Во соопштение објавено овој месец, сенаторите Елизабет Ворен и Џим Бенкс наведоа дека, според медиумските извештаи, „Енвидија“ добила одобренија за извоз на стотици илјади напредни чипови за вештачка интелигенција во Кина, вклучително и за компании поврзани со кинеската војска. Тие предупредија дека контактите на Хуанг со лице осомничено за шпионажа дополнително ги зголемуваат безбедносните сомнежи.
Демократскиот конгресмен Џим Хајмс, од кого се очекува да ја преземе функцијата претседател на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом, изјави дека враќањето на Хуанг не го менува фактот дека тој ќе мора да одговори на прашањата на Конгресот.
Се очекува Хуанг следната недела да разговара со претставници на три комисии на Претставничкиот дом, а потоа да се појави и на јавно сослушување во Сенатот.
И дел од републиканците јавно ја доведоа во прашање одлуката. Сенаторот од Тексас, Џон Корнин, побара објаснување врз основа на што е утврдено дека враќањето на Хуанг не претставува ризик за националната безбедност. Тој праша и дали ФБИ спровел безбедносен брифинг со директорот на „Енвидија“.
Републиканскиот конгресмен Дон Бејкон од Небраска, кој се повлекува од Конгресот, оцени дека САД не можат да тврдат дека сакаат да ја добијат трката во областа на вештачката интелигенција, а истовремено на Кина да ѝ ја отстапуваат најдобрата технологија. „Конгресот мора да утврди кој одобрил продажба на најсовремени компјутерски чипови на Кина“, напиша тој на социјалните мрежи.
Министерот за финансии, Скот Бесент, претходно овој месец изрази незадоволство поради одложувањето на ограничувањата за извоз на чипови на „Енвидија“ во компанијата „Мегаспид“, чија извршна директорка Алис Хуанг била во врска со Џенсен Хуанг.
МИА
Ново на Сител
-

Јаневска: Формиравме работна група за новиот модел на субвенциониран студентски оброк
-

Млади лица со фантомки и дрвени палки забележани во центарот на Куманово
-

Кривична против тетовчанка за пуштање во оптек фалсификувана банкнота од 50 евра
-

Малолетници предизвикале пожар во напуштен објект на Водостопанство
-

40-годишен маж приведен за семејно насилство, одземени пушка и пиштол од неговиот дом
-

Седум возачи приведени во изминатото деноноќие поради управување возило без положен возачки испит
-

„Дијамант“: Инстант лоз што носи шанса за добивки до 300.000 денари
-

Сојузот на борците од Тетово реагира: Лага е дека ученици во униформи и со оружје го славеле ослободувањето на градот
