Осум месеци затвор за палењето на дипломатските возила
Осум месеци затвор и парична казна од 3 илјади и 300 евра за Игор Дашковски кој во јуни годинава ги запали двете дипломатски возила на бугарската амбасада. Судот го огласи за виновен бидејќи загрозил лица и објекти кои се под меѓународна заштита. Претходно тој ја призна вината и се извини за подметнување на пожарот.. Во казната ќе му бидат пресметани и петте месеци поминати во притвор.
Правосилноста на пресудата, Дашковски ќе ја чека на слобода, според судот, не постела опасност тој да избега, немал важечка патна исправа, а и самиот, како што рече, досега само еднаш во животот излегол надвор од границите на државата..
„Секогаш сум стоел на својата одговорност, секогаш одговорно сум ги вршел моите обврски во оваа држава“, изјави пред судот Игор Дашковски.
„Опасноста од бегство е до тој степен намалена, што не е неопходно најстрогата мерка притвор и истата ќе се постигне со мерката јавување на службено лице во судот“, изјава Фанка Јанчулева, Судија во Основен Кривичен суд – Скопје.
Според одбраната, судот постапил според правилата на Европскиот суд за човекови права.
„Ние сме задоволни што судот го укина притворот, конечно судот ги примени правилата на Судот во Стразбур“, изјави Лидија Ристовска, Адвокат
За одредување на висината на казната, сведочеше психијатар кој обвинетиот го опиша како емоционално и социјално незрела личност која се доживува како жртва на системот. Тоа бил и мотивот за подметнување на пожарот откако претходно Дашковски гледал новинарски извештаи за наводно толерирање на незаконски паркираните возила на тротоарот пред амбасадата.
„Со оглед на фактот што обвинетиот даде признание на вина, не беа изведувани докази и заради тоа останаа нејасни мотивите преку изведувањето на доказите, секако јавноста ќе можеше да добие една подруга слика за настанот кој што се случил“, изјави Катерина Коларевиќ, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
На 15 јуни околу пладне обвинетиот облечен во маица со ликот на Гоце Делчев пристигнал пред амбасадата и со бензин ги поли и запали двете возила на бугарската амбасада.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
