Македонија
30. March 2026 - 16:35

Отфрлена претставката на обвинителката Ристоска, изјавите на премирот не биле притисок

Советот на јавни обвинители ја отфрли претставката на обвинителката Ленче Ристоска со која таа се жалеше на притисок од премиерот. Изјавите во кои Мицкоски ги користел термините „медиокритет“ и „клиентелистичко-политичка матрица“, не укажувале на влијание, бидејќи тој не го кажал името на обвинителката.

„Во предметните изјави на премиерот не е наведен ниту на било кој начин е идентификуван конкретен јавен обвинител, ниту пак овие изјави биле поврзани со постапување по конкретни предмети, поради што, отсуството на индивидуализација на обвинителот, подносител на известувањето за наводна повреда, ја исклучува можноста да се утврди реално и конкретно влијание врз самостојноста на јавниот обвинител“, се наведува во одлуката на Советот.

Таквиот заклучок, едногласно го прифати обвинителскиот совет. Тврдат дека претходно ги провериле изјавите и новинарските написи, а од владата или премиерот, став не барале.

„Ние кога сме во дилема како совет, бараме став. Во конкретниот случај немавме потреба од тоа. Во конкретниот случај, премиерот никогаш не го кажал името на Ленче и заради тоа сметавме дека нема повреди“, изјави Башким Бесими, Претседател на Совет на јавни обвинители.

Според Ристоска, одлуката на советот е порака дека обвинителите се оставени сами да се справуват со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ. Таа вели, оставен е простор за јавни прозивки од обвинети или нивни адвокати да останат без институционална реакција.

„Навистина не ми е јасно како квалификации како „медиокритет со политичка матрица“ не се „конкретизирани“ и не се препознаваат како напад врз интегритетот и самостојноста на обвинител кој по дефиниција треба да биде професионален и непристрасен. За мене е сосема јасно дека изјавата на претседателот на Владата се однесува на мене, а доколку советот имал дилеми, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала изјавата“, вели обвинителката Ленче Ристоска.

Ристоска е обвинител во два предмети против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата за незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.