Македонија
18. March 2026 - 12:25

Пациентите од „Пулс“, чекор по чекор до целосно закрепнување

По една година од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, дел од повредените сѐ уште ја водат битката за целосно закрепнување. Рехабилитацијата продолжува во КБ Штип, додека поголем број се лекуваат во општата болница во Кочани. Тешките изгореници на рацете, главата и вратот бараат месеци, па дури и години терапија. 

- Процесот на рехабилитација е долготраен и макотрпен процес. Прогнозите се неблагодарни, но, согледувајчи ја годината наназад, можеме да кажеме дека имаме исклучително добри резултати во процесот на рехабилитација на сите пацеинти. Најголем дел од пацинетите се вратија на секојдневниот живот и продолжуваат нормално, а еден мал дел продолжуваат со рехабилитација, со надеж дека ќе бидат функционални и работоспособни во целост, изјави д-р Николчо Костадинов, раководител на Физикална терапија, КБ-Штип.

Тимовите за рехабилитација исто така истакнуваат дека психолошката поддршка игра значајна улога, особено кај младите пациенти кои со силата на волјата се враќаат во нормала.

- Работевме со исклучителни пациенти, пациенти млади, кои имаат желба за живот. Лица кои одлично соработуваа во рехабилитиационот процес и затоа резултати не се препишуваат на нас, туку на самите пациенти. Паралелно со процесот на физичка рехабилитација течеше и процес на психолошка помош на сите пациенти, како во нашата институција, така и во центарот за рехабилитација на Пониква. Имавме секојдневна поддршка од специјалисти психитри и психолози, додаде Костадинов.

Тешките повреди и масовноста на случајот претставуваа предизвик за здравствениот систем, но со посветеност и континуиран третман, пациентите чекор по чекор се враќаат кон секојдневниот живот.