Партиите не се откажуваат од распределените 3.5 милиони евра
Околу 4 милиони евра народни пари кои ќе легнат годинава на партиските сметки веќе се скратени за 30 отсто во име на здравствената и економската криза поради корона вирусот, а и Собранието едногласно носело и закони со кои се предвидува финансиска помош и за граѓаните и за фирмите.
Ова е објаснувањето и од власта и опозицијата откако во саботата народните избраници ги направија измените на Законот за финасирање на политичките партии со кои откако овие пари им беа укинати со владина уредба за време на вонредната состојба, сега повторно си ги вратија назад.
За партиско финансирање со народни пари единствено не гласаа пратениците на Левица, а против во јавноста се изјасни и Павле Трајанов од Демократски сојуз.
Но, додека се единствени за парите, власта и опозцијата се уште имаат разлики за тоа како треба да продолжи да работи Собранието во услови на корона и позитивни пратеници. Над 3.000 амандмани што пред една недела ги поднесоа опозициските партии на Деловникот за онлајн присуство се уште се архивираат и преведуваат.
Тројца пратеници и 7мина службеници од парламентот утринава итно беа тестирани за корона вирус од Институтот за јавно здравје откако пратеникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ викендов објави дека е заболен од Ковид. Иако досега не било пракса поради позитивен пратеник парламентот да направи тестирања на вработени или народни избраници овој пат тоа е направено поради деловничките рокови за носење на државниот буџет. Муцунски е претседател на комисијата за финансирање и буџет, а токму денеска треба да се одржи последниот ден од комисиската расправа. Сите вонредни тестови се негативни, информираат од парламентот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
