Македонија
8. May 2020 - 16:43

Партиите со различни ставови за датумот за избори спроти лидерската средба кај Пендаровски

На лидерската средба кај претседателот Пендаровски треба да се надминат личните и партиските интереси и да се донесат одлуки за државата и грѓаните. Ова е очекувањето на техничкиот премиер Оливер Спасовски за состанокот што шефот на државата ќе го одржи со политичките лидери, а на која тема е и одржувањето на избори имајќи ја предвид состојбата со КОВИД-19.

Лидерската средба веќе е закажана за во вторник во 13 часот. Поканети се лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, БЕСА и Алијансата на Албанците. Спасовски смета дека има доволно одговорност кај политичарите.

„Сметам дека ќе има доволно одговорност меѓу лидерите на политичките партии кои ќе учествуваат на таа средба. Ќе разговараме и јас посакувам да донесеме најдобро можно решение за иднината на оваа држава и за иднината на граѓаните. Сметам дека таква одлука треба да се донесе заради тоа што пред се потребни се функционални институции кои ќе можат да се справат со секаков вид на идни предизвици што стојат пред нас и тоа треба да биде водилка за сите нас“.

Партиите на само неколку дена пред средбата се уште имаат различни ставови кога изборите најрано би можеле да се одржат и по кои рокови.  Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија за избори по вонредна состојба.

„Венецијанската комисија како стручно тело на Советот на Европа и тело кое се занимава и со проблематиката на избори да бидат фер и демократски, смета дека најмалку 60 дена се потребни по завршувањето на вонредната состојба. Тоа е така, за да можат да се организираат добри, фер и нормални избори. Но, прашањето за изборите според мене треба да биде во овој момент одлучено и од Државната изборна комисија и од здравствените експерти и од политичките партии при средбата кај претседателот Стево Пендаровски за што се надеваме дека СДСМ ќе биде присутна“.

Од СДСМ пак, се уште стојат на тоа дека изборите треба да се случат во првиот возможен рок, веднаш по спласнување на епидемијата. Сметаат дека тоа е одговорно и во однос на здравствјето на граѓаните, и во однос на економијата и во однос на демократијата.

„Се друго е политиканство и бегање од избори. Интересно е да се гледа како стравот од избори и свесноста за пораз на опозицијата пласираат невистини. Не е точно дека Венецијанската комисија препорачала дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори. Тоа е препорака за Грузија поради различните одредби во Уставот кај нас и во Грузија тоа е неспоредливо“, велат од СДСМ.

Од ДУИ ги испорачаа своите два услови за избори: потврда од здравствените власти и набљудувачка мисја на ОБСЕ/ОДИХР.

Дел албански опозициски партии пак, како можен термин за избори го сметаат крајот на јули или почетокот на август, кога пандемијата сосема би стивнала, а и би биле отворени границите.