Пентагон повлекува 700 маринци распоредени во Лос Анџелес поради протестите
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет нареди 700 маринци, распоредени во Лос Анџелес минатиот месец поради протестите против акцијата за сузбивање на недокументираните имигранти, да бидат прераспределени.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека „со враќањето на стабилноста во Лос Анџелес“, маринците може да бидат повлечени од вториот по големина американски град според население.
- Нивниот брз одговор, непоколеблива дисциплина и недвосмислена присутност беа клучни за воспоставување ред и одржување на владеењето на правото, рече Парнел, додавајќи дека нивното распоредување испратило „јасна порака: беззаконието нема да се толерира“.
Трамп во јуни мобилизираше 4.000 војници на Националната гарда и 700 маринци за распоредување во градот, и покрај противењето на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, по повеќедневни демонстрации против неговиот став кон мигрантите и неодамнешните рации за депортација.
Овој потег доведе до критики дека распоредувањата ја влошуваат ситуацијата на терен, потсети ДПА.
Во нормални околности, контролата врз Националната гарда е во рацете на поединечните американски држави. Меѓутоа, за време на војна или национална вонредна состојба, претседателот може да ја преземе командата.
Околу 2.000 припадници на Националната гарда остануваат во градот. Според администрацијата на Трамп, тие се таму за да го заштитат федералниот персонал и имот.
- Никогаш немаше потреба војската да се распореди против цивили во Лос Анџелес, рече вчера Њусом, истакнат демократ и потенцијален претседателски кандидат во 2028 година. „Штетата е веќе направена. Повторно, ги повикуваме да го направат вистинското нешто и еднаш засекогаш да ја прекинат милитаризацијата.“
Трамп конкретно ги таргетираше градовите предводени од демократите, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк, со неговата акција за сузбивање на недокументираните имигранти, барајќи од федералните агенти да ги засилат напорите за спроведување.
Масовните депортации беа централно ветување за време на изборната кампања на Трамп. Откако се врати на функцијата во јануари, неговата администрација организираше рации проследени со соопштенија за печатот, фотографии и редовни ажурирања за депортациите за да ги прикаже своите напори.
Се проценува дека 11 милиони луѓе моментално живеат во САД без валидни документи. Многумина работат во сектори витални за економијата, како што се земјоделството, градежништвото и угостителството.
МИА
Ново на Сител
-
Славески: Извршната власт има разбирање дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација
-
Со сопствени иновации, Кина го редефинира фармацевтскиот пазар
-
Наплаќале 150 до 5.000 евра за да овозможат туѓа нега или инвалидска пензија, обвинение за 36 лица во „Синдром“
-
При висок УВ-индекс да се избегнува престој на отворено - апелираат дерматолозите
-
Брзата интервенција на пожарникарите спречи катастрофа во Кочани | ВИДЕО
-
ЕУ со долг од 81,8 отсто и буџетски дефицит од 2,9 проценти од БДП
-
Техеран: Над 1.000 загинати во Иран за време на 12-дневната војна со Израел
-
Почина 80-годишен македонски државјанин на плажа во близина на грчкиот град Кавала