Македонија
18. November 2025 - 16:41

Петмина кандидати за претседател на ДКСК ги поминаа интервјуата во Собрание

Влегуваа и излегуваа еден по еден. 30 минути се претставуваа и одговараа на прашања на експертите. Петмина од вкупно 10 кандидати ги поминаа интервјуата пред Комисијата за селекција за нов претседател на Антикорупциската комисија.

На жешкото столче седнаа поранешната помошник- министерка во МВР, Весна Доревска, правникот Владимир Наумоски, самостојниот аналитичар во СВР Скопје, Антонио Санев, поранешниот помошник на Главниот ревизор, Бранко Смилевски и адвокатката Валентина Тодоровска.

Дровеска во својата визија за ДКСК рече дека неопходно е продлабочување на соработката со останатите институции од оваа област, особено со Јавното обвинителство, посочувајќи дека голем дел од предметите немаат завршница.

- Моето мислење е дека треба да продолжиме на јакнење на превентивните механизми, на добри законски решенија. Државната комисија да си ја земе онаа улога којшто навистина ја има во делот на антикорупциските мерки. Сите закони коишто се извршуваат во извршната власт треба да поминат токму преку оваа Комисија. Мислам дека тоа во пракса не функционира, вели Доревска.

Правникот Наумоски, пак, вели дека ќе работи на три постулати кои се неопходни за силна Антикорупциска.

- Јакнење на интегритетот, зголемување на транспарентноста, превенција, контрола и надзор, поддршка на пријавувачи, прозрачна комуникација, влучување на граѓанскиот сектор и медиумите, меѓуинституционална координација. Ваквиот пристап ќе овозможи независна, ефективна и отчетна Државна комисија, рече Наумовски.

За аналитичарот Санев приоритет е работа на нов Кривичен законик.

-Тоа нешто што е „must“ и мора да се направи, зборувам во нашата држава. Значи, мора да се воспостават измени кои ќе содржат поголеми казни од предвидените за злоупотреба на службената должност. Значи, нов КЗ комплетно, согласен со ЕУ АКИ-то. Тоа што го имаме моментално е недозволиво и знаете дека се користи за амнестирање на политичките елити, вели Санев.

Поранешниот ревизор, Смилевски преку дигитализација и зголемување на отчетноста ќе работи на превенција на корупцијата.

- Мој приоритет како претседател би бил ДКСК отворена и достапна институција со дигитални алатки, јавен увид и отчетност на секој чекор од постапките. Мојата визија е ДКСК да биде независна, стручна, целосно транспарентна, која служи исклучиво во интерес на граѓаните. Институција која брзо професионално реагира на коруптивните појави, рече Смилевски.
Адвокатката Тодоровска фокус ќе стави на едукацијата.

- Треба да се работи во делот на едукацијата, делот, можеби на свикување на средби, наметнување на некои теми. Можеби преку електронските медиуми, како еден вид известување, рече Тодоровска.

За утре закажани се уште пет интервјуа. Во петок ќе биде свикана седница на Комисијата за избори и именувања на која ќе биде изгласан кандидатот за нов претседател на Антикорупциска.