Македонија
1. July 2025 - 21:08

Планот за раст е алатка каде реформата значи награда, порача министерот Муцунски

Проширувањето на Европската Унија не треба да се гледа како милостина, туку како инвестиција и чекор кон мир, безбедност и економска стабилност, како за регионот, така и за Европа, порача шефот на македонската дипломатија.

Муцунски го оцени Планот за раст како алатка каде реформата значи награда и механизам преку кој граѓаните ќе видат дека доброто владеење навистина функционира.

„Не ја гледаме реформската агенда како замена за пристапните преговори, бидејќи реформската агенда не може да ги замени пристапните преговори. Но, од друга страна ја гледаме како алатка преку која ЕУ и земјите членки можат да проценат дали владата, граѓаните, нацијата, НВО, академската јавност и сите други инвестираат во европскиот пат“ – Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи

Со секоја спроведена реформа од Планот за раст, ние од денес завршуваме обврска која ќе треба да ја исполниме откако ќе бидат отворени преговорите, кажа министерот за европски прашања во гостување во Тема на денот на Сител. Според Муртезани, колку повеќе ние ја имлементираме реформската агенда, толку полесно ќе ги отвораме поглавјата во иднина.

„Планот за раст за западен балкан и реформската агенда, односно тие наши 136 чекори, се целосно хармонизирани со скрининг извештаите и сите поглавја во преговарачката рамка. Фокусирањето на реформите сега, освен што носи пари, го подобрува животот на граѓаните, ни помага во подигање на стандардите и усогласување со европските, ни помага да завршиме дел од работата сега кога сме блокирани од Бугарите и ќе ни служи кога формално ќе ги отвориме преговорите“- Орхан Муртезани, министер за европски прашања

Планот за раст денеска го коментираше и премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека со него Македонија ќе се трансформира.

„Ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието. Ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура. Ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ. Но исто така, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности“ – Христијан Мицкоски, премиер

Еврокомесарката Кос кажа дека дури 75 отсто од реформите кои биле побарани од земјите од Западен Балкан се завршени, а Македонија прва од регионот ги доби средствата од предфинансирањето.