Македонија
12. February 2026 - 16:37

По најавите на Касами за смена на министри, Мицкоски му врати дека тој одучува кој ќе остане во Владата

Премиерот Мицкоски му даде до знаење на коалицискиот партнер, Билал Касами дека тој е единствениот кој ќе одлучи кој ќе си оди, а кој ќе остане во реконструираната Влада.

Рекацијата на Мицкоски следи, откако Касами во телевизиско интервју најави дека министерот за правда ќе биде еден од првите кој ќе биде сменет при реконструкцијата, но и дека размислуваат да го повлечат и министерот Лимани, кој му е сопартиец во БЕСА. 

Мицкоски е задоволен од работата на Лимани, за смената на Филков пак не сакаше да коментира, но вели дека само тој може да одлучи кој ќе биде дел од неговиот владин кабинет. 

Министерот за правда, со слична порака до Касами. Кога тој ќе биде мандатар тогаш ќе може да го смени од функцијата. Раздорот меѓу Филков и Касами, доаѓа откако министерот за правда ја одби иницијативата на студентите правосудниот испит да се полага и на албански јазик. Според Касами,  Филков неуспехот од министерското работење се обидува да го прикрие со меѓуетнички теми. Филков е дециден, во моментов законот за полагање правосуден на албански, нема да се менува. 

Вечерва пак, на Централното претседателство на БЕСА ќе се одлучува дали Лимани ќе биде повлечен од министерството за социјална политика, демографија и млади откако членови на БЕСА имале забелешки за комуникацијата на министерот кон нив, иако е дел од нивната партија. 

Иако Касами има двоумење за Лимани, премиерот изрази недвосмислена поддршка и задоволство од тоа како Лимани раководи со министерството. Вечерното Централно Собрание на БЕСА ќе треба да покаже кој став ќе го заземе партијата, а најавите се дека ќе се разговара за ефикасноста на нивните кадри во Владата и како ќе се позиционираат.