По воведувањето на визи речиси 9.000 Турци ја напуштија Црна Гора, затворена 31 турска компанија

Од крајот на октомври, кога црногорската Влада привремено воведе визи за турските граѓани, речиси 9.000 ја напуштија Црна Гора, додека 31 турска компанија што работеше во Црна Гора се затворени во ноември, пишуваат денеска медиумите во Подгорица“.
Причината за одлуката на црногорската Влада да го укине безвизниот режим со Турција беше инцидентот што се случи на 25-ти октомври во подгоричката населба Забјело, кога со нож беше ранет жителот на Подгорица М.Ј. (25).
Иако полицијата првично тврдеше дека во нападот биле вклучени државјани на Турција и Азербејџан, подоцна се покажа дека жителот на Подгорица наводно го раниле двајца Азербејџанци.
Следеа десничарски протести, за време на кои беа запалени неколку продавници во сопственост на Турци.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора за весникот „Вијести“ соопшти дека од 27 октомври, кога црногорската Влада воведе визи за турските граѓани, 8.935 турски државјани ја напуштиле Црна Гора.
Бројот на посети на Црна Гора од Турција е значително намален, додека црногорскиот портал „Банкар“ објави дека повеќе од 30 турски компании се затворени во последниот месец, што значи дека во просек се затвора по една секој ден.
Според податоците што порталот ги добил од Даночната управа на Црна Гора, турските граѓани регистрирале 2.140 правни лица во Црна Гора, а најчестите дејности во кои работат турските компании се трговија на големо, градежништво, угостителство, консултантски услуги и изнајмување или лизинг на автомобили.
Бројот на турски компании што биле избришани од Централниот регистар во последниот месец е 31, а од почетокот на 2025 година, 234, соопшти Даночната управа за порталот.
Ова, како што заклучува порталот, јасно укажува дека инцидентите во Подгорица и воведувањето визи за турските граѓани би можеле да имаат негативен ефект врз пазарот, а очигледно е дека некои инвеститори го преиспитуваат својот понатамошен престој во Црна Гора.
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ неодамна изјави дека верува оти турските граѓани наскоро ќе бидат ослободени од визи, и истакна дека по неодамнешниот инцидент, безбедносните служби на двете земји ја интензивирале соработката.
- Верувам дека брзо ќе ги ослободиме визите за турските граѓани, рече Ибрахимовиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Без вода утре корисници спроти „Соборниот храм“ во Скопје
-

Граничниот премин Богородица затворен за секаков тип возила
-

Комеморација во чест на ликот и делото на истакнатиот играорец Симеон Чулев
-

Финансова поднесе кривична против директор и раководител на ЈКП „Брегалница“ Делчево, го оштетиле буџетот на претпријатието за 7,6 милиони денари
-

Предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата и музичари од Романија
-

Кик Бокс клубот Шампион Урко - тим најуспешен македонски клуб во Ниш
-

Поевтинуваат горивата
-

Дрога пронајдена кај затвореник во Идризово
