Почина италијанската фимска икона Клаудија Кардинале

Иконата на италијанската и светската кинематографија, Клаудија Кардинале почина на 87 години. Нејзината смрт ја соопшти нејзиниот агент Лоран Саври, а синоќа веста ја потврди и министерот за култура на Италија, Алесандро Џиули.
Глумицата беше една од трите големи филмски икони на Италија, заедно со Софија Лорен и Џина Лолобриџида. Се здоби со меѓународна слава во 1960-тите, со филмови како „8 и 1/2“ на Федерико Фелини, „Леопардот“ на Лукино Висконти и италијанската каубојска класика „Добриот, лошиот и грдиот“ на Серџо Леоне. Во Холивуд, продолжи да глуми со ѕвездите на своето време: Марчело Мастројани, Ален Делон, Џон Вејн и Жан-Пол Белмондо. За време на нејзината долга кариера, таа се појави во повеќе од 100 филмови и освои бројни награди, вклучувајќи го „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал и „Златна мечка“ на Берлиналето.
До неодамна Кардинале живееше во близина на Париз.
Таа е „една од најголемите италијански актерки на сите времиња“, како што ја нарече Џиули. Неговата француска колешка, Рашида Дати, исто така, ѝ оддаде почит на почината глумица.
„Французинка во срцето, муза на великаните – таа со брилијантност отелотворуваше слобода, сила и елеганција“, напиша Дати на „Икс“, потсетувајќи на „погледот, гласот и аурата на Кардинале што засекогаш ќе бидат дел од историјата на киното“.
Кардинале е родена на 15 април 1938 година во Тунис, и е ќерка на сицилијански доселеници. Таа во Тунис говорела три јазика – француски, арапски и сицилијански. Филмската дива го опишуваше своето детство во северноафриканската земја како „златно доба“ полно „магични мигови“. Ѕвездата неколку години живееше со италијанскиот филмски продуцент Франко Кристалди. Нејзина голема љубов беше и режисерот Пасквале Сквитиери, со кого имаат ќерка.
Кардинале беше и активистка за правата на жените. Како амбасадор на УНЕСКО и поддржувач на движењата како „#MeToo“, таа се залагаше за слобода, независност и за правата на жената.
МИА
Ново на Сител
-

Претрес во Гостивар, пронајдени автоматски пиштол „Шкорпион“ и муниција, уапсено едно лице | ФОТО
-

Јустина Широка Пуља избрана за претседателка на Косово
-

Советници на Трамп платени со стотици илјади долари за изборен ангажман во Република Српска
-

Унгарија ја увери Бугарија во целосна солидарност по нападот со дрон во Црното Море
-

Харадинај: Курти повторно го води Косово на избори
-

Николоски: Владата на Заев и Филипче договараше со Бугарија продажба на пeт големи македонски компании
-

Од лидер до ментор: Flex Group Leadership Academy продолжува со вториот дел од програмата
-

Стоилковиќ се сретна со делегација на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа
