Македонија
1. September 2025 - 16:33

Почна новата учебна година - 245 илјади ученици седнаа во училишните клупи

Училишното ѕвонче денеска повторно ги врати учениците во училишните клупи. Повеќе од 17 илјади првачиња за првпат ги запознаа наставниците и дојдоа на училиште. На стартот на новата учебна година 245 илјади ученици добија нови учебници, од нив 177.800 основци и 67.200 средношколци. Новитет е вештачката интелегенција кој ќе се воведе во наставата од второто полугодие. Ќе се обучуваат дел од наставниците, а ќе се применува во сите предмети.

Возбудени и насмеани учениците велат дека се подготвени за училиште. Дел од нив за првпат како првачиња, очекуваат да научат нови работи.

Ресорната министерка Јаневска им посака среќен почеток на учебната година. За стартот на годината освен учебници за сите предмети, испечатени се и учебници по странски јазици, кои недостасуваа во изминативе седум години. Премиерот Мицкоски од скопското основно училиште Кирил Пејчиновиќ вети подобри услови за учениците и најави дека владата ќе продолжи да инвестира во квалитетно образование.

Бројот на ученици се намалува но не во драстични размери, вели градоначалникот на општина Центар, Герасимовски кој заедно со опозицискиот лидер Филипче им посакаа успешна година на учениците од УО Киро Глигоров.  Филипче ја пофали работата на МОН за учебниците, но забележа дека треба да има повисоки плати за наставниците.

Од годинава според МОН, образовни асистенти ќе можат да добијат и средношколците кои имаат потреба од тоа. Настава ќе има до 10 јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15 мај.