Почна посетата на Вашингтон на владината делегација предводена од Мицкоски
Премиерот Мицкоски заедно со министрите за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи – Мисајловски, Муцунски и Тошковски денеска ја почнува посетата на САД, прва посета по смената на власта. Сепак, најнабиената агнеда владината делегација во Вашингтон ќе ја има на НАТО самитот од 9 до 11 јули.
„Македонската делегација исто така ќе учествува и на отворањето на НАТО форумот и ќе присуствува на состаноците на Северно – атлантскиот совет, каде што Мицкоски ќе има прилика за средби со други лидери и изјави за медиуми“, информираат од владината прес-служба.
Македонија по нејзиното зачленување веќе не е тема кај светските лидери во Алијансата, но по реакциите на Атина за наводно прекршување на Преспанскиот договор, добрососедските односи во Западен Балкан може да се најдат на маса. Додека Мицкоски очекува достоинствено однесување во Вашингтон, грчкиот премиер изјави дека тој може да се најде во непријатна позиција на Самитот доколку опостојува на реториката за името. Слични најави стигнаа и од официјална Софија. Делегациите на Грција и Бугарија ист настап и најави имаа и на последниот Самит на Европскиот совет во Брисел.
Средба Мицкоски – Мицотакис во Вашинготн не се исклучува, но засега не се ни потврдува, велат од матичната партија на премиерот.
Заедно со владината делагација во Вашингтон ќе отпатува и собранискиот спикер Гаши, кој ќе учествува на парламентарното Собрание на НАТО. Но, тоа според опозициската ДУИ пак, не било доволно албанско присуство на меѓународниот настан за што одговорност бараат во албанскиот партнер во Владата - Вреди.
„Денеска во делегацијата на РМВ на Самитот на НАТО нема место ниту за „џентелменскиот“ вицепремиер, а камоли за некој министер. Симболичното присуство на пратениците во Парламентарното собрание на НАТО, а не на самитот, не го покрива срамот од понижувачката улога без достоинство на Албанците во државата. Само кога влагаш во Влада без легитимитет те прави толку небитен за вакви важни прашања“, коментираат од ДУИ.
Според најавите од Влада, посетата на Мицкоски на Вашинготн има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности пред американските инвеститори. Премиерот ќе има средби со конгресмени и сенатори, ќе одржи предавање на Школата за напредни меѓународни односи на Џонс Хопкин универзитетот. Владината делагација ќе присуствува и на вечери во Белата куќа за лидерите од НАТО, и свечености организирнаи од државниот секретар Етони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.
Во фокусот на Самитот, кој ќе значи и одбележување на 75-годишнината на Алијансата, ќе биде помошта за Украина, но и нејзиното влегување во НАТО.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
