Македонија
13. February 2022 - 20:06

Почна пренасочување на коритото на Брегалница за санација на мостот во Долни Балван

Започна дислокацијата на речното корито на река Брегалница, за да се санира мостот кај село Долни Балван, во општина Карбинци, кој беше оштетен во декемвриските поплави. Според извештајот на инспекцискиот надзор, нарушена е статиката на главните носачи, поради што на средината од мостот е направена длабнатина од неколку сантиметри. Ова е првиот чекор кој треба да се направи за да се земат потребните мерки за изработка на проектната документација.

- Тоа е веќе нашиот дел од работата, како оптпина ние ќе си го обезбедиме проектот. Штом ќе се создадат условите, а тоа е да се ослободи паднатиот столб од течението на водата, проектантите ќе влезат, че ги направат геомаханичките испитувања кои се потреби за изработка на проектот, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.

Геомеханичките испитувања треба да го дадат и одговорот на прашањето зошто релативно нов мост, изграден пред 7 години, попушти пред првиот налет на поголема количина водена маса.  Мостот е забранет за сообраќај, но мештаните и понатаму се превезуваат по него.

- Секојдневното движење дополнително ја отежнува работата за санација но и го зголемува ризикот за населението. Апелирав во неколку наврати, во комуникација и со надлежните органи поставивме сообраќајни знаци и други препреки,  додаде Паунов.

Градежната оператива за пренасочување на речниот тек се спроведува со механизација на водостопанство „Брегалница“ и ќе биде завршена за една недела.